Петар Печков
Објавено: вторник, 11 јуни 2013
Во почетокот на 1940 година Венко доби едно тревожно писмо од Кочо Рацин во кое го моли да се застапи за него пред другарите од Југославија за да се среди работата во врска со него. Имено, веднаш по излегувањето на „Бели мугри“, КП на Југославија го бојкотирала ширењето на книгата со образложение дека Рацин, по излегувањето од затворот во Сремска Митровица, побарал работа во Скопје од банот на Вардарска бановина.
Одговорните во партијата сметале дека Рацин ја понижил партијата со тоа што како нејзин член барал работа кај банот. Венко застана зад Рацин, сметаше дека нема никаква вина во тоа, па кога се сретна со Мирче Ацев и Кузман Јосифовски-Питу категорично се застапи за Кочо. Бај Тодор Павлов исто така беше на страната на Кочо, но знам дека Мирче Ацев и Кузман Јосифовски-Питу беа против Кочо, докажуваа дека згрешил, се расправаа, но Венко ги прекина со зборовите: „Или ќе го решите случајот со Рацин, или јас нема да ве погледам.“ Венко беше уверен во невиноста на Кочо.
Есента 1941 кога Кочо дојде во Софија, а Венко веќе беше во затвор, јас се видов со него и разбрав дека Венко бил во право кога се зазел за Рацин. Дознав дека по капитулацијата на Југославија не можел да најде никаква работа во Македонија, буквално гладувал, па затоа дојде во Софија.
Јас му најдов стан и работа во трамвајското депо. Рацин беше наглув, гласно зборуваше. Беше црноок, среден раст, при силна возбуда пелтечеше; со солзи во очите зборуваше за бојкотот и за себе самиот: „Јас не знам од кого да се чувам? Дали од српската власт, која постојано ме следи, или од комунистите во Македонија кои ми поставуваат разни подмолни замки. Останав без работа, со денови немав за леб. Молев едни, молев други, барав работа насекаде. Не можев повеќе да издржам и по долги молби добив место во библиотеката во Скопје. Виновен ли сум што од нешто морав да живеам.“
„Има една многу интересна случка поврзана со Коле Неделковски и Кочо Рацин. И Рацин можеше да загине во Софија во септември 1941 година. Имено Рацин бил кај Коле истата ноќ кога Коле беше фрлен од зградата каде што живееше. Рацин го чекал во собата до 23 часот, но Коле дотогаш не се вратил. Потоа поминал во соседната соба каде што живеел Волче Нумчески од Прилеп. Ако останел во собата на Коле, многу веројатно е дека ќе загинеше и тој во рацијата на полицијата што чекала Коле да се врати во станот. Следниот ден Кочо дојде кај нас: „Бакни го Венко кога ќе го видиш, и кажи му да ја продолжи борбата. Борбата ќе биде долга, и тешка.“ Не доврши, почна да плаче на глас. Јас му велев да остане, но тој веќе беше решил да не се јавува во полицијата, која го имаше повикано како сведок, туку веднаш да замине во Македонија. Тоа беше последната средба со Рацин.
Подоцна, кога дојдовме во партизани во Македонија, и кога дознавме дека Кочо загинал, Добривое Радислављевиќ -Орце со некаква леснотија ни кажуваше дека Рацин бил малодушен, неиздржлив и слаб за походи. Всушност дознавме дека Рацин бил трн во окото на Темпо и на Орце. Посебно на Орце, кој постојано зборуваше лошо за него. Тајната отиде со Рацин. Ракописите негови ни беа доверени нам кога пристигнавме во партизанската база. Јас ги чував до 1945 година, кога му ги предадов на Блаже Конески. Меѓу нив беше и поемата за Јане Сандански“, пишува меѓу другото Филимена Марковска во првите девет глави од своите спомени кои, во целина, опфаќаат период од 1938 до 1988 година.
Останува да се види што има во останатите неколку стотина страници кои би требало да се однесуваат на времето поминато во партизани, на бурните настани по војната, на тортурата во слободна Македонија, на затворот на Венко на „Голи оток“, на бегството од Македонија, но и на времето од 1968 до 1989 година и животот во Бугарија до смртта на Венко Марковски.
Сега, кога Филимена Марковска веќе не е жива, спомените што ги пишувала со години се единствен сведок за времето поминато со контроверзниот Венко Марковски, еден од основоположниците на современата македонска поезија, но и сведоштво за голем број бурни настани поврзани со македонската историја и литература.
автор на текстот е Блаже Миневски, преземен од МИА
Tweet |